Атанасов: Целта на МЗТ е јасна – атак на секој трофеј

МЗТ Скопје ги стартуваше подготовките за новата сезона, за македонскиот првак специфична бидејќи за првпат по подолга пауза ќе биде дел од три натпреварувања, домашното првенство, АБА2 и ФИБА Европа купот.

Тренерот Васко Атанасов е задоволен од она што го гледа од својот тим во првата седмица од подготовките, најавувајќи добри резулати во периодот што следи.

„Подготовките се одвиваат според планот. Тимот е заедно, сите се здрави и работиме добро на адаптацијата и вклопувањето во нашиот систем. Успеавме да ангажираме играчи за кои сметаме дека добро ќе се вклопат во нашите идеи за игра. Нашата цел секогаш е иста – победа на секој натпревар, атак на секој трофеј, како и достојна презентација на Аеродром и на македонската кошарка во целост. За тоа ни треба и помошта од трибините, која сигурен сум дека нема да изостане. Заедно сме најсилни!“, вели Атанасов.

Тој даде краток коментар и за играчкиот ростер што ќе го има во новата сезона, со променети странски кошаркари, но и една важна константа – останувањето на Војдан и на Дамјан Стојановски како лидери на тимот.

„Сезонава имаме ростер кој е малку поинаков од претходните, со одлично ветеранско лидерство и играчи кои знаат што е потребно за да се победува. Секако, ќе се стремиме да бидеме агресивни на двете страни од теренот, а брзината ќе биде нешто што е клучно за нас. Како и секогаш, столбот на тимот ќе бидат Војдан и Дамјан Стојановски, а со додавањето на нашиот плејмејкер Ноа Фаракан, кој е вистински поентер на позицијата еден и ќе го надополни нашиот напад, тие ќе бидат едни од темелите на тимот. Ангажманите на искусниот центар Димитрије Николиќ и разноврсниот Лесли Варнер ќе ни дадат предност што ја немавме минатата сезона“, истакна шефот на стручниот штаб на МЗТ Скопје.

Се вчитува...