Ацо Тодоров со Пеќ славеше над Куманово

Македонскиот вицешампион Куманово претрпе пораз на гостувањето против Пеќ (85-68) во рамките од второто коло од втората групна фаза во БИБЛ-лигата. Иако охрабрени по последниот триумф на гостински терен над Карпош соколи, кумановци вечерва немаа решение за мотивираниот косовски состав, предводен од македонскиот стручњак Александар Тодоров, кој заслужено стигна до победата на оваа средба.

Првата четвртина мина во цврста игра во одбраната на двете екипи, па така по шест минути резултатот гласеше израмнети 6-6, за кумановци со подобра игра во завршницата да го завршат овој дел од мечот со предност од 15-19, со тројката на Браун. Во 22. минута тимот на Марјан Србиновски имаше и „плус пет“ (20-25), но Пеќ набрзина стигна до израмнување (25-25). Сепак, по водството од 25-28 дојде до огромна криза во играта на македонскиот вицешампион, што беше искористено од страна на Тодоров и неговите избраници, кои со серија од 11-0 ја презедоа контролата над резултатот.

На одмор се замина со резултат 43-36, а во 24. минута Пеќ за првпат стигна до двоцифрена предност (52-42). Косовскиот состав го контролираше резултатот се до самиот крај, за конечна победа од 85-68.

Американецот Браун со 19 поени беше најефикасен во македонскиот состав, пред Мијатовиќ со 16 и Караџовски со 10 поени.

Куманово и покрај поразот останува на првото коло во групата со седум бода, пред Пеќ и Теодо со по шест бода, додека Карпош соколи е на последното четврти место со пет бода на своето салдо.

Се вчитува...