Аврамовски: Штета, бевме подобри, заслуживме да ја победиме Шкендија

Вардар во суперинтересен натпревар успеа да се врати од негатива од два гола и да ремизира 2-2 во првиот дуел со Шкендија од осминафиналето во Купот на Македонија. Кај скопските „црвено-црни“ сепак владее разочарување што не беше направен целосен пресврт, бидејќи со прикажаната игра „вардарци“ заслужија и триумф.

„Заслуживме да победиме денеска. Бевме подобар противник, имавме повеќе посед, повеќе шанси од противникот. Одигравме за чиста десетка. На почетокот имавме две шанси, потоа и при 0:1 четири прилики, но тоа е фудбалот. Кога не се користат шанси, обично следува казна. Верувавме и при негатива од 0:2 дека можеме да дојдеме до израмнување. Се договоривме да продолжиме да напаѓаме, да креираме шанси. Не можевме цел меч да промашуваме, мораше некогаш топката да заврши во противничкиот гол. И при 2:2 испуштивме шанса за 3:2. Навистина штета и треба да жалиме. Сега има реванш од кој се надеваме дека ќе излеземе како победници, и дека сето она што не го реализиравме тука, ќе успееме таму“, изјави Даниел Аврамовски.

Се вчитува...