Австриската федерација го одреди местото и терминот на одигрување на натпреварот со нашата најдобра селекција во втората рунда од претквалификациите
По слободното прво коло, машката сениорска репрезентација на Македонија квалификацискиот циклус во втората рунда од претквалификациите за пласман на Европското првенство 2029 ќе го започне на 30 август, кога ќе гостува кај Австрија. Натпреварот ќе се одигра во Виена со почеток од 16:05 часот во „Спорт Арена Виена“ и ќе претставува прв сериозен тест за избраниците на селекторот Жозеп Марија Берокал во битката за првото место во групата „Ф“, во која се наоѓа и селекцијата на Кипар.
Австриската репрезентација е добро познат противник на македонската селекција, иако двете национални екипи одамна немаат одиграно официјален натпревар. Последните меѓусебни дуели датираат од квалификациите за Европското првенство во 2005 година, кога Македонија забележа две убедливи победи – 101:75 на гостински терен и 99:62 пред домашната публика.
Во претходниот квалификациски циклус Австрија настапуваше во квалификациите за Светското првенство 2027, каде се соочи со силна конкуренција (Летонија, Холандија, Полска) кои ги заврпи со скор (1-5).
По завршувањето на тие квалификации, Австријците се приклучија во втората рунда од претквалификациите за Евробаскет 2029 и важат за еден од главните конкуренти на Македонија во борбата за првото место во групата.
Македонија во втората рунда влегува со максимален ефект од првата фаза, откако го освои првото место во својата група со шест победи во исто толку натпревари. Избраниците на Берокал одиграа сигурен квалификациски циклус и заслужено обезбедија место меѓу 12. селекции кои ќе се борат за четирите места што водат во главните квалификации за Европското првенство 2029.
Гостувањето во Виена ќе биде првиот официјален натпревар на Македонија во новиот квалификациски циклус и можност националниот тим да ја продолжи победничката серија започната во првата рунда од претквалификациите.
Евентуален триумф на гостински терен би претставувал голем чекор кон освојување на првото место во групата и силна најава за продолжението од квалификациите.
Во групата „Ф“, покрај Македонија и Австрија, се наоѓа и селекцијата на Кипар. Натпреварите ќе се играат во три квалификациски прозорци – во август и ноември 2026 година, како и во февруари 2027 година, а само првопласираната репрезентација ќе обезбеди место во главните квалификации за Евробаскет 2029.
Селекторот Арамис Наглиќ за претстојните квалификациски натпревари повика поширок список од 28 кошаркари, предводен од НБА центарот Јакоб Пелтл (Торонто Репторс). Во конкуренција се и искусните Силвен Ландесберг, Лука Брајковиќ, Ерол Ерсек, Тимо Ланмилер, Томас Клепеис, како и повеќе интернационалци кои настапуваат во Германија, Србија, Словенија и австриското првенство.
Првиот собир пред новиот ФИБА „прозорец“ ќе го имаат на 17. август, во Виена.
Поширокиот список на Австрија: Лука Брајковиќ, Лукас Цветкова, Арон Стазиќ, Еди Патекар, Ерик Диец, Ерол Ерсек, Даниел Фридрих, Јакоб Лохр, Миро Заф, Даниел Гргиќ, Даниел Кепел, Лукас Хан, Константин Зауер, Јакоб Шкута, Старлин Иноа Гил, Елвир Јакуповиќ, Себастијан Кеферле, Флоријан Кепел, Ренато Пољак, Нордин Капиќ, Томас Клепеис, Џонатан Кнесл, Силвен Ландесберг, Нико Железник, Елиас Власак, Тимо Ланмилер, Јакоб Пелтл и Богиќ Вујошевиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
