Азар: Ќе бидеме како ПСЖ доколку не ја освоиме лигата

Крилото на Челси, Еден Азар со интересна изјава опиша како би се чуствувал доколку неговиот тим ја испушти предноста од 10 бода во однос на второпласираните Тотенхем. „Сините“ веќе ја освоија лигата според фановите и следбениците на Премиер лигата, но за белгиецот ништо не е готово на 11 кола до крајот.

„Видовте што се случи на Камп Ноу. Ништо не е невозможно. ПСЖ со победата од 4-0 почна пред време да го слави пласманот во следната фаза, па добија ладен туш во Шпанија. Ние ќе бидеме токму како ПСЖ доколку не ја освоиме лигата. Сакам да го освојам и ФА купот, бидејќи тоа е едиствениот трофеј што не сум го освоил во Англија.“ – изјави Азар.

Вечерва Челси по втор пат сезонава ќе го пречека Мурињо и неговиот Јунајтед на „Стемфорд Бриџ“ во рамките од четвртфиналната фаза од ФА купот, а Азар не изостави да каже некој збор за противникот.

„Пред еден месец им велев на пријателите дека Јунајтед ќе биде најдобриот тим во вториот дел од сезоната. Имаа спор старт на сезоната, но и многу работа  претстоеше пред нив. Неколку нови играчи, нов менаџер, за сето тоа да се усогласи треба време и многу работа. Очекувам да биде вистинско дерби, со оглед на тоа дека претходниот пат ги победивме 4-0, сигурно ќе бараат одмазда за дебаклот.“ – додаде ѕвездата на Челси и Белгија.

Натпреварот помеѓу Челси и Манчестер јунајтед започнува во 20:45 часот.

Се вчитува...