Азар, Лукаку, Али: Ова е тимот на сезоната во Премиер лигата

Здружението на професионални фудбалери во Англија денеска гo објави дрим-тимот на Премиер-лигата за сезоната 2016/17. Очекувано, најмногу играчи има на лидерите на табелата, Челси и Тотенхем, кои имаат вкупно осум фудбалери од најдобрите единаесет во елитното англиско фудбалско друштво.

Единаесетмината најдобри започнуваат со Давид Де Хеа на голот, кој трета година по ред е во овој тим, а вкупно четврти пат е најдобар голман на сезоната. Шпанецот сезонава 12 пати ја сочува својата мрежа незатресена.

Одбранбената линија ја сочинуваат комбинација од фудбалери на градските ривали Челси и Тотенхем. Давид Луиз и Гери Гејхил заслужено се столбовите на одбраната, додека покрај аут линиите се Кајл Вокер и Дени Роуз. Челси со Луиз и Гејхил на 32 натпревари примија 27 гола, што ги означува како трета најдобра одбрана во лигата, додека Вокер и Роуз се дел од најдобрата одбрана во Англија, со само 22 гола во нивната мрежа.

Средниот ред во составот го сочинуваат Нголо Канте, Деле Али, Садио Мане и Еден Азар. Канте и Азар се фаворити и за индивидуалната награда за најдобар фудбалер во Премиер-лигата, воедно и главни актери во трката за титулата на „сините“. Мане покажа дека заслужува да игра во голем клуб, годинава е најдобар поединец во Ливерпул покрај Кутињо. Деле Али најверојатно ќе биде најдобриот млад фудбалер во првенството, па затоа се најде и во идеалните единаесет, со 16 погодоци покажува дека е еден од оние играчи за врска кои се редовна закана за голманите.

Нападот со дуото Ромелу Лукаку, Хари Кејн е страв и трепет за секој противник. Белгиецот е убедливо најдобaр стрелец со 24 гола, четири повеќе од Кејн, само затоа што голгетерот на Тотенхем сезонава пропушти десетина натпревари поради повреди на зглобот.

Се вчитува...