Бадел ја доби драмата со Струга, избори билет за финале

Бадел ќе ја брани титулата во женскиот кошаркарски шампионат на Македонија откако актуелниот првак по голема борба во мајсторката славеше над Струга со резултат 56-53. Матие и Димитријевиќ беше најзаслужни за големиот триумф со кој „баделки“ обезбедија билет во финалето, каде ќе се сретнат со Баскет Кам.

Стружанки подобро го отворија мечот, поведоа со десет поени предност во првата четвртина, но Бадел благодарение на одличната Димитријевиќ веднаш се врати и првата четвртина заврши со израмнети 19-19. Двата тима продолжија со тактичко надмудрување, но во самиот финиш поумешни беа домашните кошаркарки. Ли промаши слободно фрлање со кое можеше да донесе израмнување на 54-54 на триесет секунди до крајот, а казната стигна на спротивната страна, кога Матие по офанзивен скок умешно реализираше од рекетот за конечни 56-53.

Токму Матие беше најефикасна во победничкиот тим со 18 поени, три помалку постигна Марија Димитријевиќ, додека Софи Ли со 24 поени беше прв стрелец на Струга.

Се вчитува...