Баер има ново чудо од дете кое ги урива сите рекорди

Баер Леверкузен лани го продаде Каи Хаверц во Челси за 80 милиони евра, но „фармацевтите“ веќе имаат ново чудо од дете во своите редови кое ги урива рекордите во Бундес-лигата.

Флоријан Вирц е кошмар за противничките дефанзивци, а 18-годишниот напаѓач со голот за триумф над Мајнц испиша уште еден рекорд, станувајќи најмлад фудбалер кој стигнал до десет бундеслигашки погодоци. Тој ја оствари оваа бројка на 18 години и 145 дена, уривајќи го рекордот што досега беше сопственост на Лукас Подолски (18 години и 353 дена). Вирц претходно го урна рекордот за најмлад дебитант во Баер Леверкузен (17 години и 15 дена), а извесно време беше и најмлад стрелец во историјата на Бундес-лигата, пред неговиот рекорд да биде урнат од Мукоко од Борусија Дортмунд.

Европските гиганти, на чело со Баерн Минхен, будно го следат развојот на овој суперталент, а во Баер Леверкузен се горди што брусат нов фудбалски дијамант во своите редови.

„Неговата еволуција е извонредна. Исто како и Хаверц, тој ќе има блескава иднина. Максимално е ефективен, се што прави, го прави на највисоко ниво“, изјави директорот на Баер, легендарниот Руди Фелер.

Се вчитува...