Баерн го избрка како неталентиран, сега нуди богатство за да го врати назад во Минхен

Баерн Минхен ретко ја утнува работата за препознавање на таленти во сопствената младинска школа, но токму тоа се случи со Карим Адејеми, новото „чудо од дете“ на германскиот фудбал кое пред неколку дена настапи и за сениорската селекција на Германија на квалификацискиот меч против Македонија.

Адејеми кариерата ја почнал токму во баварскиот гигант, но откако не успеал да се избори за место во тимот му била покажана излезната врата. Младиот голгетер потоа заминува во Унтерахинг, тим од предградието на Минхен, од каде во 2018 година за три милиони евра потпишува за Салцбург.

Одличниот игри на Адејеми се забележани од гигантите во фудбалска Европа, Борусија сака да го доведе како наследник на Халанд во Дортмунд, но сега во трката се вклучи и Баерн. Баварците очигледно ја признаваат грешката, па веќе стапиле во контакт со таткото на Адејеми, кој истовремено е и агент на овој фудбалер.

„Таткото на Адејеми се сретна со управата на Баерн во саботата. Разговорите траеја долго, но се уште не е донесена никаква одлука“, објави германски „Скај Спортс“.

Неофицијално, Баерн е подготвен да плати 40 милиони евра за да го доведе германскиот репрезентативец на „Алијанц Арена“.

Се вчитува...