Баерн Минхен и Барселона си закажаа четвртфинална пресметка во ЛШ

Баерн Минхен и Барселона ќе играат меѓусебен во четвртфинален дуел во Лигата на шампионите. По вечерашните убедливи победи над Челси и над Наполи, двата тима патуваат на фајнал-ејт турнирот во Португалија, каде ќе се пресметаат за пласман во полуфиналето.

Баерн Минхен уште еднаш убедливо го совлада Челси, овојпат со 4-1 на „Алијанц арена“, како дополнение за трите гола предност од првиот меч во Лондон. Роберт Левандовски беше двоен стрелец и стигна до ‘кота 13’ во ЛШ, а во листата на стрелците за баварскиот тим се запишаа и Иван Перишиќ и Корентин Толисо. Единствениот погодок за Челси беше дело на Теми Абрахам на крајот од првиот дел.

Елиф Елмас влезе на теренот на „Камп Ноу“ во 79.минута, но тогаш Наполи веќе имаше негатива од 3-1 што беше и конечен епилог на мечот. По ремито (1-1) од Неапол, фудбалерите на Барселона патуваат во следната фаза од елитното европско натпреварување.

Сите голови на овој меч беа постигнати во првото полувреме. Клемен Ленге во десеттата минута со удар со глава го отвори резултатот, а Лионел Меси во 23.минута зголеми на 2-0. Луис Суарез од пенал во 45.минута постигна трет погодок за Барселона, а возврати исто така Лоренцо Инсиње од пенал во продолжението од првото полувреме.

Се вчитува...