Баерн Минхен „отпиша“ двајца кои ги плати вкупно 80 милиони евра

Баерн Минхен продолжува со реконструкцијата на тимот, а спортскиот директор на клубот, Кристоф Фројнд, потврди дека Саша Бој и Жоао Паљиња не се дел од плановите за новата сезона.

Двајцата фудбалери пристигнаа на „Алијанц Арена“ со големи очекувања и за значителни суми, но не успеаја да се наметнат во составот на германскиот шампион.

Францускиот десен бек Саша Бој беше ангажиран од Галатасарај во 2024 година во трансфер вреден околу 30 милиони евра. Сепак, поради повреди и недоволна минутажа, не успеа да ги оправда очекувањата, па минатата сезона повторно настапуваше како позајмен фудбалер во турскиот гигант.

Слична е приказната и со португалскиот репрезентативец Жоао Палиња. Искусниот играч за врска пристигна од Фулам за околу 50 милиони евра, но не успеа да се избори за место во стартниот состав. Поголемиот дел од минатата сезона го мина на позајмица во Тотенхем, каде исто така не остави посериозен впечаток.

Раководството на Баерн сега активно работи на нивна продажба во текот на летниот преоден рок, со цел да ослободи простор во играчкиот кадар и дополнителен буџет за нови засилувања.

Доколку клубот не добие задоволителни понуди за Бој и Палиња, како резервна опција повторно ќе бидат разгледани позајмици, со надеж дека двајцата ќе ја зголемат својата пазарна вредност и ќе обезбедат постојан трансфер во иднина.

Многу работи во таборот на германскиот првак ќе зависат и од заминувањето или останувањето на Мајкл Олисе. Некои информации говорат дека тој сака да оди во Реал Мадрид, а раководството на Баерн Минхен не сака да го пушти да замине од Минхен.

Се вчитува...