Баерн не ја признава грешката: Што и да се случи, Тухел нема да добие отказ!

Томас Тухел требаше да биде тренерот што ќе го крене Баерн Минхен на едно повисоко ниво, но наместо тоа екс-стратегот на ПСЖ и на Челси се покажува како огромно промашување на клупските челници Оливер Кан и Хасан Салихамиџиќ.

Баерн под негово водство најпрвин беше шокиран во Купот на Германија, потоа следеше и елиминацијата од ЛШ од Манчестер Сити, за по вчерашниот пораз од Мајнц баварскиот гигант да го загуби и првото место на бундеслигашката табела. Тимот делува загубено, одбраната дезорганизирана, а нападот далеку од оној атомски фудбал на кој инсистираше Нагелсман, со бројни создадени шанси.

Без оглед на тоа, Кан и Салихамиџиќ не ја признаваат грешката и се децидни на својот став дека ангажманот на Тухел бил вистински потег.

„Што и да се случи до крајот на сезоната, Тухел нема да добие отказ. Тој е веќе консултиран во потрагата за засилувања за наредната сезона и ќе го води Баерн во периодот што следи“, објавија германските медиуми повикувајќи се на извори од највисокото раководство на германскиот шампион.

Од друга страна, неизвесно е дали Кан и Салихамиџиќ ќе го „преживеат“ летово на чело на Баерн по се поголемото незадоволство од нивните погрешни одлуки што ги носат во низа веќе извесно време.

Се вчитува...