Баерн состави трансфер-листа: Бројни „ѕвезди“ ќе си одат од „Алијанц Арена“

Баерн Минхен се врати во пол-позиција во трката за шампионската титула во Бундес-лигата, но управата на клубот е цврсто решена за ремонт во играчкиот кадар во текот на летниот преоден рок. Оливер Кан јасно му искажа поддршка на Томас Тухел и покрај слабите игри и резултати, како виновници посочувајќи ги фудбалерите, кои според раководството на клубот не го даваат максимумот за баварскиот гигант.

Без разлика дали Кан ќе остане на функцијата главен директор или ќе биде сменет, во управата се решени да продадат значаен дел од моментните фудбалери. Како што јавува влијателниот весник „Кикер“, најмалку осум фудбалери ќе си заминат од Баерн летово, прв од нив дефинитивно Жоао Кансело. Португалецот воопшто не ги оправда очекувањата по позајмицата од Манчестер Сити, па во Баерн немаат намера ниту да преговараат за целосен откуп на неговиот договор.

Садио Мане, кој направи скандал со удирањето на Лирој Сане, ќе биде ставен на продажба, во обид да се вратат оние 35 милиони евра што Баерн ги плати на Ливерпул минатото лето. Пред заминување е и Серж Гнабри, германскиот репрезентативец кој многу осцилира во формата, но што е уште поважно, кој со својата недисциплина надвор од теренот влијае негативно врз имиџот на клубот.

Вкусовите на раководството не ги задоволи ниту голманот Зомер. Тој дојде на инсистирање на тренерот Нагелсман, но сега кога младиот стратег веќе не е на чело на екипата, Нојер ќе се врати на голот, а Баерн планира да доведе нов помлад голман за резерва. Тел дојде како млад и перспективен напаѓач, Французинот не ги оправда очекувањата, но големи се шансите тој да биде пуштен на позајмица, а не продаден во текот на летово.

Меѓу оние кои ги пакуваат куферите неочекувано се наоѓа и Бенџамин Павар. Французинот игра во одлична форма, но проблем е што влегува во последната година од договорот, а ги одбива понудите за продолжување на соработката. Баварците не сакаат да го загубат без отштета наредното лето, па Французинот ќе биде ставен на трансфер-листа.

Гравенберх и Мазрауи минатото лето пристигнаа како „свежа крв“ од Ајакс, но двајцата не се снајдоа на „Алијанц Арена“. Мазрауи згора на тоа неодамна и јавно се жалеше за малата минутажа, со што само го навлече бесот на тренерот Тухел, па се очекува овие двајца играчи летово пак да ги сменат клупските бои. За Гравенберх постои сериозен интерес од Ливерпул, додека Мазрауи веќе има на маса неколку понуди од Англија и од Италија.

Се вчитува...