Баерн за едно полувреме ги збриша „фармацевтите“

Баерн Минхен во голем стил го одигра денешниот дерби-дуел со Баер Леверкузен, на гостински терен демолирајќи ги „фармацевтите“ со преубедливи 1-5. Како клучно се покажа првото полувреме во кое баварскиот гигант постигна пет гола за нецели 40 минути, држејќи му лекција по модерен фудбал на незгодниот ривал.

Роберт Левандовски беше играчот кој го отвори гол-шоуто на „Бај Арена“, со прекрасен удар со пета по нецели три минути игра. Полјакот потоа зголеми на 0-2 по акцијата на Дејвис, по што Милер беше стрелец за 0-3, за Гнабри да го дотолчи противникот со уште два гола, постигнати во 35. и во 37. минута.

Се што успеаја да сторат домаќините до самиот крај беше почесниот погодок на Шик во 55. минута од натпреварот.

Баерн со победата се искачи на првото место на бундеслигашката табела, со еден бод предност пред Борусија Дортмунд и „плус три“ во однос на Баер Леверкузен.

Се вчитува...