‘Македонскиот’ Португалец Бајано: Македонија е земја која живее за фудбалот, оваа репрезентација ќе направи сè за да се пласира на Светското првенство

Фудбалерот на ФК Скопје, Елисон де Жесус дос Сантос – Бајано е единствениот португалски фудбалер кој игра во нашата македонската Прва лига. Играчот кој е роден во Бразил, како многу мал се преселил во Португалија, а добил пасош на оваа земја поради неговиот дедо. По неколку сезони во портуалските нисколигаши решил да се испроба во странство и тоа во нашата фудбалска лига.

„Бајано“ во интервју за порталот „Рекорд.пт“ ги сподели импресиите за Македонија пред финалниот бараж натпревар со Португалија што е закажан на програмата утре во Порто.

„Македонците сè уште слават по победата над Италија. Вчера бев на прошетка низ центарот на градот и се забележуваше славеничка атмосфера, имаше знамиња на сите страни. Тоа е земја која живее за фудбалот, но никогаш ја немале можноста да одат на Светско првенство. Самиот пласман во плејофот, односно баражот беше услов за голема забава. Победата против Италија беше навистина лудо за Македонците, славењето траеше цела вечер и речиси и да не можев да заспијам“, вели фудбалерот на Скопје.

Соиграчите често го задеваат играчот од средниот ред дека Македонија ќе ја победи Португалија и уште еднаш ја потенцира пасијата на нашиот народ за фудбалот.

„Бидејќи сум единствениот Португалец во лигата, Македонците постојано се шегуваат со мене и ми велат дека ќе победат. Јас им велам дека го имаме Кристијано Роналдо и дека тој најчесто не им простува на противниците. Зборував со директорот на мојот клуб, кој ме праша како најчесто летам до Португалија. Тој и останатите челници на тимот ќе го гледаат натпреварот во Порто, луѓето тука се луди за фудбалот и ќе направат сè за да се пласираат на Светското првенство“, потенцираше Елисон.

Се вчитува...