Бајевски за времето кога во Катар играше заедно со Гвардиола: „Феноменален човек, позитивен, едноставен…, последно се видовме во Атина!“ (ВИДЕО)

Во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“, гостин легендата на Вардар и македонскиот фудбал, членот на шампионската вардарова генерација од 2002 година, а во моментов еден од најпознатите македонски фудбалски агенти – Александар Бајевски.

Поранешниот македонски репрезентативец, меѓу другото се потсети и на дел од својата богата кариера кога во 2007 година беше дел од катарскиот Ал Ахли заедно со, сега, еден од најдобрите тренери на денешницата Пеп Гвардиола.

Бајевски беше еден од првите македонски фудбалери кои заиграа во сега атрактивните арапски земји, тогаш делејќи ја соблекувалната со Гвардиола.

„Многу е сменето сега и во тоа време. Во тоа време за мене беше тотално непознато. Мене ми стигна понуда од Катар додека играв во Полска. Нормално, ја одбир. Пак ми се јавија…, јас повторно – каков Катар. Па и третпат се јавија, и викаат Гвардиола игра таму,Окоча, но и Де Бур, и Чави и уште многу други познати европски ѕвезди… На крај, финансиите пресудија да ја прифатам понудата и да играм во Ал Ахли заедно со Пеп Гвардиола“ – вели Бајевски и дополнува:

„Кога отидов во Катар видов една земја кај што е преубава, каде што има нови стадиони, каде што има перфектни услови за тренинг. Зборуваме, тоа е пред 19 години. Видов дека тој арапски свет почнува да се развива и почна да вложува во фудбалот. Па, гледаме сега на кое ниво се Саудиска Арабија, Емирати, Катар. Тоа се лиги каде што има стварно добар квалитет, се заработува добро. Имаш феноменални услови за живот“.

А, што се однесува до тоа каков е Гвардиола на теренот, но и надвор од него…

„Тој беше повреден во тоа време и таман се враќаше од повреда. Уште тогаш се насетуваше неговата големина бидејќи тој тогаш ги водеше тренинзите на Ал Ахли. Тренер беше легендарниот Бразилец Зиза, но му дозволуваше да ги води тренинзите. А, плус како човек феноменален, како лик многу позитивен и едноставен, одличен за атмосфера во тимот, секогаш иницираше заеднички дружби на тимот, на кафе, на ручек. Едноставно, тие два-три месеци видов една ѕвезда која што е многу обичен човек. Контакт со него имав до 2011 – 2012 година. Се видовме последно во Атина. Бев да го гледам натпреварот Олимпијакос – Баерн Минхен. Бев сместен, за чудо во истиот хотел каде што беше Баерн Минхен. Коридот невиден, не можеш да се доближиш до никого од тимот на Баерн. Бев со Горазд Михајлов, тренерот. Бевме заедно и Горазд вика ајде викни го, повикај го. И му викнав. Ме виде. Дојде. Се видовме неколку минути, се подготвуваа за утакмица. Разговор како си, се изгушкавме, ова она. Направивме слика и вика чекај ме после натпревар. За жал, после мечот, значи таков хаос пред хотелот. Нормално, ни можев да дојдам до таму, ни па се видовме. И тоа беше последното мое видување со Гвардиола“ – се потсетува Бајевски.

ЦЕЛАТА ЕПИЗОДА НА СПОРТСКИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ ГЛЕДАЈТЕ ЈА ТУКА…

Се вчитува...