Бајрами: Играчите се херои, направивме голема работа – освовиме пехар и одиме во Европа

Тренерот на Македонија ЃП, Мухарем Бајрами после финалето рече дека неговиот тим заслужено го освоил пехарот во Купот на Македонија.

Бајрами напомена дека натпреварот се одвивал онака како што очекувал, дека бил тежок меч, а и важноста на мечот не дозволувала тимот да биде на посакуваното ниво.

„Мислам дека заслужено го освоивме пехарот, иако самиот тек на натпреварот беше тежок, онака како што претпоставив. Силекс се покажа доста добар противник, доста добро се бранеше и преку тие контри се обидуваше да не загрози. Сигурно дека за нас можеби не беше најдобар натпревар, но важноста на овој натпревар беше голема, и не можевме да бидеме на ниво. Прво сакам да им честитам на најзаслужните, на моите играчи кои се големи херои. Имавме фантастична сезона. За мене како тренер во моментов емоциите се големи, можеби во моментов не сфативме што направивме. Направивме една голема работа, освоивме трофеј, одиме во Европа. Би сакал да ги поздравам и навивачите за поддршката, вратен е трофејот после 16 години“, рече Бајрами.

Што помисли Бајрами по „паненката“ на Попзлатанов?

„И големи играчи на големи мечеви се решаваат за паненка. Искрено јас на ниту еден меч не ги одредував изведувачите на пеналите. Оставав тие да се договорат. И да не победевме, немаше ништо трагично да се случи или дека ќе бев лут на Попзлатанов. Тој имаше добра сезона, се решил така да шутира. Имавме два разлика па можеби така се решил“, изјави Бајрами.

Бајрами коментираше за изданието на Стевковски.

„Беше одличен, и добро подготвен. Тренерот на голманите работеше на тоа, имавме информации каде ќе шутираат“, вели Бајрами.

Се вчитува...