Балаков: Бугарија нема проблем со расизмот, Англија има

Англија славеше убедливо на гостувањето во Бугарија, но мечот во Софија наместо од спортски аспект привлече внимание бидејќи беше прекинуван поради расистички навреди кон дел од фудбалерите на „гордиот албион“. Бугарскиот селектор Красимир Балаков по мечот ги обвини Англичаните и нивните провокации за ваквиот развој на настаните на трибините.

„Да бидам искрен, не слушнав што извикуваа нашите навивачи, го видов само судијата како го прекинува мечот. Сите говорите за неприфатливо однесување на Бугарите, но истото може да се каже и за Англичаните, кои ја исвиркуваа нашата химна. Исто така, во второто полувреме тие упатуваа сериозни навреди кон нашите навивачи, што е неприфатливо. Не ми се допаѓа што три недели во пресрет на овој меч се зборуваше само за расизам. И сега, наместо да говориме за фудбал, ние разговараме за нефудбалски работи. Ни гостувале бројни репрезентации и никогаш сме немале никаков проблем, освен сега со Англичаните“, истакна Балаков.

Тој потенцираше и дека неговата земја нема никаков проблем со расизмот.

„Не верувам дека имаме проблем. Во бугарското првенство имаме многу играчи од различни земји и со различна бога на кожата. Бугарија нема проблем со расизмот, како што на пример има Англија“ – порача бугарскиот селектор.

Се вчитува...