„Балисти“ и граѓаните на Тетово одржаа марш во чест на загинатите сограѓани од пожарот во модуларната болница

Навивачката група на Шкендија „Балисти“ и голем број граѓани на Тетово одржаа граѓански марш во чест на загинатите лица од пожарот кој ја зафати модуларната болница во овој град во средата вечер. Пред тргнувањето на маршот на плоштадот симболично беа засадени дрвја во знак на почит кон загинатите четиринаесет сограѓани.

„Ние сме навивачи, ова не е протест, не е политички мотивиран, туку само мирен марш за почит кон загинатите во пожарот, изјави Башким Идризи од навивачката група „Балисти“ кои ја покренаа иницијативата за маршот преку социјалните мрежи.

Покрај навивачите на Шкендија на улиците излегоа и голем број граѓани.

„Дојдов тука на овој марш во знак на почит кон починатите. Лично се гледам како одговорен, бидејќи овие последни години сите ние сме молчеле, на сите лоши работи што се случувале овде и ова е капка на се, на сите трагедии што овде се случуваат последните години и се надевам дека народот веќе ќе сфати дека мора да се направи нешто, а да се направи нешто мора да се почувствува секој одговорен, затоа што со нашето молчење со нашето проголтување на сите лоши работи кои се случиле ние на некој начин сме дале придонес за ваквите работи. Се надевам дека ќе се освестиме сите и ќе дадеме придонес да ги спречиме овие работи“, изјави Беким Демири, учесник на маршот.

Се вчитува...