Покрај очајното издание кое го демонстрираше Вардар во првото квалификациско коло од Лигата на шампионите против фински КуПС, а согласно и аматерската подготовка на тимот ова лето за еден ваков европски предизвик на кој се чекаше повеќе од шест години, „црвено-црните“ во фокусот на регионалното внимание и поради очајната посета на нашиот најголем стадион на европскиот натпревар.
Вардар, де факто, од поодамна не привлекува внимание кај сопствената навивачка и симпатизерска структура од главниот град. Не привлекува се чини повеќе и сериозно внимание дури и кај добар дел од сопствената најверна навивачка група „Комити“ која од почетокот на минатата сезона е во „војна“ со актуелниот извршен директор на клубот Миленко Неделковски, колку и да има некое привидно договорено „примирје“…
Па, сето тоа со краен епилог – официјално 3.512 гледачи на трибините на арената „Тодор Проески“ во Скопје на натпреварот против Финците во Лигата на шампионите. Што би се рекло едвај околу 10% од капацитетот на Арената.
Předkolo Ligy mistrů ve Skopje!
FK Vardar 0:2 KuPS FC
3512 diváků
⚽️🇲🇰 pic.twitter.com/F0JwBpulBH— Bolkacast (@bolkacast) July 7, 2026
Тоа и тоа како привлече внимание и кај регионалните, но и европските медиуми, кои се вчудоневидени од поддршката која може да ја има некогаш славниот Вардар – едно од најголемите фудбалски имиња во поранешна Југославија.
„Само 3.512 гледачи се собраа на најголемиот стадион во Македонија, што е навистина разочарувачка бројка за европски натпревар од ова значење. Особено кога знаете каква историја има Варда“ и колку многу значеше овој клуб за генерации навивачи. Во минатото, името Вардар беше синоним за полни трибини, одлична атмосфера и голема поддршка од сите страни, додека денес сликата изгледа сосема поинаква“ – пишува босанскиот спортски портал „Спортспорт“ и дополнува:
„Проблемот со малата посетеност беше дискутиран и во деновите пред натпреварот. Бројни навивачи, како и луѓе блиски до клубот, предупредија дека со години е вложено премалку труд за поврзување со публиката. Вардар има богата традиција и големо име, но тоа веќе не е доволно за да привлече илјадници луѓе на стадионот. Модерниот фудбал одамна е повеќе од само 90 минути игра. Клубовите денес инвестираат огромни ресурси во маркетинг, промоција, социјални мрежи, фан зони, продажба на клупски реквизити и разни содржини што им нудат на навивачите целосно искуство пред, за време и по натпреварот“.
Медиумот дополнува дека голем клуб не е составен од трофеи од минатото, но пред се од полни трибини и силна врска со навивачите. Само тоа покажува дали некое раководство на клубот е успешно или не.
„Токму ова е она што многумина го сметаат за најголем проблем на Вардар. Недостатокот на квалитетна промоција, организирани активности за навивачите, модерна продавница за навивачи и континуирана комуникација со публиката остави последици што денес јасно се гледаат на трибините. Не е доволно да се има голем стадион и славно минато. Навивачите сакаат чувство на припадност, сакаат да бидат дел од клубот и да чувствуваат дека се важен дел од неговата иднина. Кога такво нешто го нема, интересот полека се намалува, без оглед на важноста на натпреварот или името на противникот. Затоа што голем клуб не е составен само од трофеи и историја. Голем клуб е составен од полни трибини, силна врска со навивачите и чувството дека целиот град живее за секој натпревар. Токму на тоа Вардар ќе мора многу повеќе да работи ако сака да стане она што некогаш беше, симбол на македонскиот фудбал и клуб што ги полни стадионите без проблеми во европските вечери“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
