Банур потфрли, Лазаров е на чекор до ново признание

Кире Лазаров е на прагот да стигне до уште едно фантастично индивидуално признание, откако македонскиот репрезентативец и по денешниот ден остана на чело на листата на стрелците на мундијалот во Франција.

Македонскиот капитен во шесте средби на нашата репрезентација постигна 50 погодоци, се најде на врвот на листата на стрелци уште од второто коло, кога го мина Уве Генсхајмер. Постеше сериозна опасност Лазаров денеска да биде минат од страна на тунискиот десен бек Амине Банур, кој имаше шест гола помалку од Македонецот во пресрет на денешниот дуел против Саудиска Арабија. Тунижаните го добија овој меч со 39-30, но Банур потфрли постигнувајќи само еден погодок од четирите обиди кон противничкиот гол.

Со оглед на фактот дека Тунис ги заврши своите настапи на Президент Купот, Банур остана на „минус пет“ од „македонскиот бомбардер“. Најсериозен ривал на Кире Лазаров сега е шведскиот репрезентативец Никлас Екберг, кој има единаесет гола помалку од нашиот капитен. Шведска утре го игра својот четвртфинален меч со Франција, а доколку загуби од шампионот тоа ќе биде и последен натпревар за Екберг на овој мундијал, со што шансите тој да излезе пред Лазаров се многу мали.

„Опасност“ по Лазаров доаѓа и од неговиот тимски колега од Барселона, Валеро Ривера, кој досега има постигнато 34 погодоци.  Шпанија може да одигра максимум три средби на овој мундијал (триумф над Хрватска, а потоа финале или меч за трето место), на кои на Ривера би му биле потребни 17 погодоци за да го надмине остварувањето на Лазаров.

Само за потсетување, Кире Лазаров беше најдобар стрелец на мундијалот во Хрватска, со неверојатни 92 погодоци на едно Светско првенство, бројка со која македонскиот „бомбардер“ се уште е рекордер во оваа категорија. Потоа тој беше и најдобар стрелец на ЕП во Србија во 2012 година, а во својата кариера неколку сезони бил и прв стрелец во Лигата на шампионите.

najdobri strelci na mundijal

Се вчитува...