Барди е на продажба – Леванте ја одреди цената

Енис Барди заврши со настапот за Македонија на ЕВРО 2020, но нашиот репрезентативец повторно е актуелен откако шпанските медиуми најавија дека Леванте се подготвува за негова продажба. Прволигашот од Валенсија се соочува со финансиски проблеми и мора во најскоро време да ја покрие загубата од 16,5 милиони евра, пари што Леванте планира да ги обезбеди од продажбата на Барди.

Мајсторот за слободни удари и минатото лето беше поврзуван со заминување од клубот, кога интерес за неговите услуги покажаа Арсенал, Борусија Дортмунд и Фиорентина. Леванте тогаш не сакаше ни да чуе за продажба, инсистираше на клаузулата од 50 милиони евра, но сега ситуацијата е сосема поинаква. Според шпанските медиуми, раководството на Леванте сега е подготвено да го продаде Барди и за сума од 16,5 милиони евра, само за да ја реши финансиската криза со продажба на само еден фудбалер и да го задржи остатокот од играчкиот кадар.

Шпанскиот прволигаш секако добро ќе заработи од продажбата на македонскиот репрезентативец, ако се знае дека Барди во 2017 година пристигна во Леванте од унгарскиот прволигаш Ујпешт за сума од 1,5 милиони евра.

Се вчитува...