Барди и другарите не се откажуваат – со смешен пенал до триумф над Реал Сосиедад (видео)

Енис Барди и Леванте уште еднаш покажаа фантастичен карактер, во неверојатен финиш успевајќи да стигнат до триумф над Реал Сосиедад (2-1) и да си ги задржат шансите во битката за опстанок во Ла Лига.

Дуелот беше максимално израмнет и со шанси на двете страни, а Леванте прв поведе преку десниот бек Мирамон во 53. минута. На средината од вториот дел гостите израмнија преку ветеранот Давид Силва, но Леванте успеа да се врати во водство и да победи со смешен пенал, откако Рока во обид да се загради со лакотот го удри во лицето Роџер, а судијата покажа на белата точка иако во тие моменти топката беше во посед на гостите.

Леванте на претходните средби имаше проблеми со реализација на пеналите, но вечерва Мелеро ја презеде одговорноста и со прецизен удар предизвика еуфорија меѓу домашните навивачи.

Енис Барди не беше стартер, но македонскиот репрезентативец влезе во игра во 63. минута и внесе голема живост во играта во напад на Леванте. Неговиот тим сега има 29 бода, три помалку (и меч повеќе) од Мајорка и од Кадиз, кои се први за стигнување во сигурната зона на табелата.

Се вчитува...