Еден од најдобрите македонски фудбалери Енис Барди, како и секогаш, повеќе од подготвен на патот кон новите успеси кога е во прашање настапот во македонската репрезентација.
Пред денешниот тренинг на националниот тим Барди потенцираше дека ова семејство во националниот тим долги години е заедно, добро се познава и со новиот македонски селектор, и сето тоа треба да води кон продолжување на позитивните резултати и низ актуелниот квалификациски циклус за СП 2022.
„Нема потреба повторно да го нагласувам задоволството што сум тука со овие момци повторно заедно. Секогаш кога добиваме повик за настап во репрезентацијата, верувајте, едвај чекаме да се собереме. Многу добро се знаеме меѓу нас веќе толку години заедно, а многу добро се знаеме и со шефот кој не водеше во младата репрезентација и многу добро знаеме што направивме сите овие изминати години заедно“ – вели Барди, притоа дополнувајќи дека колективот е најсилното оружје на Македонија.
„Во оваа селекција нема еден или двајца клучни играчи. Клучни играчи сме сите затоа што оваа Македонија живее и функционира како едно семејство. Се што било мора да оставиме зад нас и сега да целиме кон нови успеси. Не чека една силна селекција како Ерменија која многу напредуваше, но ние мора да се фокусираме само на самите себе затоа што ако одиграме како знаеме и умееме сигурно успехот нема да изостане“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА