Барди: Не чувствуваме никаков притисок, пред оваа генерација се уште многу успеси

Еден од најдобрите македонски фудбалери, Енис Барди верува дека Македонија може да одигра далеку поквалитетно во однос на претходната средба со Ерменија и на утрешниот дуел со Исланд да дојде до победа и покрај тоа што не чека тежок меч.

На прес-конференцијата во Рејкјавик, Барди истакна дека никој од фудбалерите не чувствува притисок затоа што силно веруваат во себе и знаат дека оваа генерација може на македонскиот фудбал да му донесе уште многу успеси.

„Треба да го оставиме во историја тоа што го направивме досега. И јасно ни е дека сега постојано се бара од нас ново докажување и нови позитивни резултати. Но, не чувствуваме никаков притисок. Оваа генерација е гладна за уште многу успеси, имаме уште многу да донесеме за македонскиот фудбал“ – истакна Барди, притоа дополнувајќи:

„Знаеме дека Исланд е навистина квалитетна селекција, и досегашните резултати не зборуваат реално за нејзиниот вистински квалитет. Мора да бидеме максимално фокусирани во текот на сите 90 минути на утрешниот натпревар ако сакаме успех. Многу работи ќе зависат од нас иако знаеме дека не чека посебно тежок натпревар. Исланд не заслужи пораз од Романија, од тоа што го видовме станува збор за навистина силен тим“.

Натпреварот меѓу Исланд и Македонија утре во Рејкјавик се игра со почеток од 18 часот.

Се вчитува...