Барди: Во Амстердам одиме за потврда на квалитетот на оваа генерација

Македонија загуби и на вториот натпревар на Европското првенство, овојпат од Украина со 1-2. Енис Барди вели дека и покрај поразот треба да бидеме горди на прикажаната игра во второто полувреме на мечот со Украинците.

„Во второто полувреме покажавме многу сила, покажавме дека можеме да играме и против силни репрезентации. Украина беше добра по наша изгубена топка, ние не ги искористивме некои шанси што ги имавме и нормално дека на ова првенство една мала грешка, една мала ситница ќе ве казни. Имаме уште еден натпревар, одиме до крај да одиграме за престиж и за потврда на квалитетот на оваа репрезентација“ – вели Барди, притоа дополнувајќи:

„Мислам дека оваа репрезентација целата напаѓачка сила што ја има, ја користи добро. Со Горан, со Eлиф, со Aце, со мене можеме да направиме многу проблеми. Мислам дека треба да бидеме горди“.

Последниот натпревар на Европското првенство Македонија ќе го одигра на 21. јуни против Холандија на арената „Јохан Кројф“ во Амстердам.

Се вчитува...