Барса избра – Сито Алонсо за нов тренер

Алфонсо „Сито“ Алонсо е изборот на Барселона за нов тренер на каталонскиот гигант, по очајната сезона на кошаркарите на Барса под водство на Барцокас. Грчкиот стручњак очекувано доби отказ од функцијата откако беше елиминиран во четвртфиналето од шпанскиот плејоф, а воопшто не се пласираше во Топ 8 од Евролигата, по што во комбинација за негов наследник се споменуваа неколку стратези.

Главниот фаворит Шарунас Јасикевичиус ја одби Барселона и потпиша нов двогодишен договор со Жалгирис, по што каталонците го насочија вниманието кон Алонсо, кој до пред неколку дена беше прв тренер на Басконија. Откако 41-годишниот тренер реши да не го продолжи договорот со својот клуб, тој седна на маса со челниците на Барселона, наоѓајќи заеднички јазик, по што денеска и официјално го потпиша двогодишниот договор со каталонците.

Сито Алонсо своето тренерско деби го имаше во 2008 година со тимот на Хувентуд. Потоа тој се пресели во Сан Себастијан Гипузкоа, во периодот од 2014 до 2016 година го водеше Билбао, по што минатата сезона ја мина во Басконија, се до денешниот трансфер во Барселона.

Се вчитува...