Барса ја почнува операцијата „Враќање на Лео Меси“

Жоан Лапорта успеа за нешто повеќе од една година на чело на Барса да состави дрим-тим подготвен за атак на трофеи, но првиот човек на каталонскиот гигант се уште има една желба – да го врати Лео Меси назад во клубот. Лапорта не сака да остане запаметен како претседател во чија ера Меси го напуштил клубот, па веќе почна да кове план за Аргентинецот да се врати назад на „Камп Ноу“.

Како што јавува каталонскиот весник „Ел Мундо Депортиво“, Лапорта веќе почнат со реализација планот за камбек на Лео, контактирајќи го неговиот татко Жорге, кој воедно е и агент на фудбалскиот генијалец. Меси има договор со ПСЖ до крајот на сезонава, во него има клаузула за продолжување за уште една година, но во Барса се обидуваат да го убедат тој следното лето да се врати во Каталонија. Проблем претставува фактот дека Барселона нема шанса да ја израмни платата што Лео ја зема во Париз, но Лапорта сепак не се предава и верува дека ќе може да го убеди Меси повторно да го облече дресот на каталонскиот гигант.

„Јас му го должам на Лео тоа… да го вратам назад во Барса. И како претседател и како човек и близок пријател, ќе сторам се за да го вратам“, истакна неодамна Жоан Лапорта.

Тој има „План Б“ дури и доколку не успее во својата првична намера. Меси конечната одлука најави дека ќе ја донесе по СП во Катар, а доколку Аргентинецот реши да остане во ПСЖ, Лапорта има подготвено нова понуда – да стане директор на клубот веднаш штом ја заврши кариерата.

Понудата ќе му биде доставена веднаш и договорот ќе биде потпишан уште додека Меси активно игра, се со цел Лапорта да се осигура дека кога Лео ќе му каже збогум на фудбалот, повторно ќе биде дел од Барселона.

Се вчитува...