Барса остана без Гонзало, Борко ќе брани против Кил

Борко Ристовски ќе биде клучен човек во таборот на Барселона на дуелот против Кил во Лигата на шампионите, откако целиот товар на голманската позиција падна врз Македонецот по повредата што ја заработи Гонзало Перез де Варгас.

Шпанскиот репрезентативец се здобил со повреда на малиот прст на левата рака, поради што веќе во текот на утрешниот ден тој ќе биде опериран. Весникот „Марка“ најавува дека Гонзало сигурно ќе ги пропушти двата дуели со Кил, закажани за 23 и за 29 април, што сигурно ги нарушува плановите на стручниот штаб на каталонскиот гигант.

Борко Ристовски имаше низа фантастични натпревари во Лигата на шампионите сезонава, најдобриот беше на гостувањето во Германија против Фленсбург, а на Барса ќе и биде неопходно македонскиот голман повторно да биде во „елемент“ за да го елиминира Кил и да им се одмазди на „зебрите“ за ланскиот пораз во четвртфиналето од ЛШ.

Се вчитува...