Барса по чудо со ПСЖ: Кога се има Меси, се е можно…

Барселона за многумина е веќе прежалена, откако го загуби првиот осминафинален натпревар против ПСЖ со преубедливи 4-0. Сепак, оттогаш тимот на Луис Енрике заигра далеку подобро, Лионел Меси се врати во топ-форма, погодоци почна да постигнува и Нејмар, па јасно е зошто каталонците се погласно веруваат во чудо во пресрет на вечерашниот реванш на „Камп ноу“. Историјата вели дека само три клуба успеале да се вратат по негатива од четири гола по првите средби (Борусија Менхенгладбах во 1985, Лешоеш во 1961 и Партизан во 1984 година, но ниту еден тим не бркал „0-4“, туку имал постигнато најмалку по еден гол на првиот натпревар.

Кога тие можеа да ни дадат четири гола, зошто ние да не им дадеме шест. Дефинитивно имаме квалитет за такво нешто“ – порача тренерот Луис Енрике, на кого се надоврза одличниот стрелец Луис Суарез. „Ние сме истиот тим што минатата сезона среде Мадрид му даде четири гола на Реал. Зошто сега на домашен терен да не му вратиме со иста мера на ПСЖ за поразот од пред дваесетина дена“ – истакна уругвајскиот голгетер.

Откако Луис Енрике е тренерот на Барселона, каталонскиот гигант има максимални 14 победи на досегашните 14 средби на „Камп ноу“ во Лигата на шампионите. Сепак, за пласман во четвртфиналето е неопходно не само оваа серија да продолжи, туку и победата да биде изразена со најмалку пет гола разлика (ако резултатот е 4-0, ќе се играат продолженија, па пенали). Каталонците играат одлично на домашен терен сезонава, на трите средби од групната фаза (со Манчестер сити, Селтик и со Борусија Менхенгладбах) бележејќи три победи со гол-разлика 15-0.

Во таборот на ПСЖ смирено го очекуваат овој натпревар, свесни за опасноста што доаѓа од триото Нејмар – Суарез – Меси, но и со голема верба во сопствените квалитети.

Ништо не е сменето, се уште ја имам истата почит кон Барса и истата верба во сопствениот тим како и пред првиот натпревар. Формулата за успех е идентична – мораме да ги добиеме дуелите „еден на еден“ и да го затвораме просторот пред противникот. Сигурно нема да се опуштиме по победата во Париз, знаеме дека Барселона овојпат ќе игра на далеку повисоко ниво“ – изјави Емери во пресрет на денешниот натпревар.

Отсуството на „деструктивецот“ Тијаго Мота би можело да се покаже како проблем за францускиот првак, но далеку поважно за ПСЖ е што Анхел ди Марија ги надмина проблемите со својата повреда и ќе биде во можност да настапи од првата минута на „Камп ноу“.

Се вчитува...