Реал Мадрид е тимот што ќе влезе во октомвриската репрезентативна пауза како лидер на Ла Лига откако Барселона го испушти врвот по денешниот „кикс“ на гостувањето против Севилја (4-1).
Каталонците повторно одиграа катастрофално прво полувреме во кое примија два гола, со кои Севилја поведе со 2-0 преку Алексис Санчез (од пенал) и Ромеро. Рашфорд со прекрасен удар пред самиот крај на полувремето намали на 2-1, но за разлика од претходните мечеви што ги добиваа со пресврт каталонците овојпат немаа доволно оружја во „арсеналот“, пред се поради повредите на Јамал и на Рафиња.
Барса имаше стопроцентна шанса кога беше досуден пенал врз Балде, но Левандовски промаши цел гол од белата точка. Казната стигна во 90. минута, кога Севилја го постигна третиот гол преку Кармона, за во 97. минута домаќините целосно да го торпедираат голот на Шчесни, за преубедливи 4-1.
Ова беше прв овосезонски пораз за каталонскиот гигант, кој по осум комплетирани рунди има два бода заостанување во однос на вечниот ривал Реал Мадрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

