Судискиот одбор на Фудбалската федерација на Македонија изврши анализа на клучните судиски одлуки на натпреварите од 10. коло во Првата и 8. коло во Втората МФЛ. Генералната оценка е дека судењето беше на одлично ниво, со правилна примена на Правилата на фудбалската игра, добра контрола на натпреварите и соодветно постапување при донесувањето на клучните судиски одлуки.
Особено значајно е што во неколку ситуации беше потврдена исправноста на одлуките донесени директно на теренот, додека во други, преку правилни и навремени ВАР интервенции, беа коригирани првичните одлуки на главните судии. Ваквото постапување ја потврдува функционалноста на ВАР системот, професионалната соработка меѓу судиските тимови и доследната примена на воспоставените протоколи.
На натпреварот меѓу екипите на Шкендија Арачиново и Струга Трим Лум, во 24. минута, по првично непрепознаен прекршок врз напаѓачот на гостинската екипа, ВАР судиите правилно интервенираа и предложија преглед на снимката на теренот (OFR). По извршениот преглед, главниот судија правилно ја промени својата одлука, досудувајќи казнен удар и покажувајќи директен црвен картон за одбранбениот играч поради спречување очигледна можност за постигнување гол (DOGSO). Оваа ситуација претставува пример за оправдана ВАР интервенција, со целосно почитување на протоколот и правилна примена на критериумите од Правилата на фудбалската игра. Црвениот картон на одбранбениот играч, исто така е правилно покажан.
На натпреварот меѓу Башкими и Силекс, во 81. минута, по ВАР-проверка, правилно беше поништен погодокот на домашната екипа поради офсајд-позицијата на играчот со број 80 во акцијата што му претходеше на голот. Играчот, од недозволена позиција, се вклучил во акцијата од која подоцна бил постигнат голот. И оваа, ни малку едноставна ситуација за процена, ја потврдува важноста на технологијата во донесувањето точни конечни судиски одлуки.
На натпреварот Арсими – Тиквеш, во 23. минута исправно беше поништен погодокот на домашната екипа поради офсајд-позиција.
Во 74. минута, судиите на теренот донесоа исправна одлука, бидејќи немаше игра со рака од страна на одбранбениот играч на гостинската екипа во сопствениот казнен простор.
Во друга анализирана ситуација, на натпреварот од Втора МФЛ меѓу екипите на ФК Еуромилк ГЛ и ФК Новаци, главниот судија правилно препозна обид за симулација во казнениот простор. Напаѓачот сам иницираше контакт со противничкиот играч со намера да изнуди прекршок, без притоа да има недозволено дејство од страна на одбранбениот играч. Особено позитивни беа одличната поставеност на судијата, неговата близина до местото на настанот и соодветниот агол на набљудување, кои му овозможија правилно да ја процени ситуацијата и да донесе точна одлука. Ова потврдува дека квалитетното судење не зависи исклучиво од технологијата, туку пред се од знаењето, концентрацијата и правилното позиционирање на судиите.
Наведените ситуации покажуваат дека интегритетот и конзистентноста во судењето не подразбираат секоја првична одлука да остане непроменета, туку секоја конечна одлука да биде правилна, аргументирана и донесена во согласност со Правилата на фудбалската игра. Подготвеноста за корекција на одлуката кога постојат јасни основи за ВАР интервенција претставува професионална одговорност, а не слабост на судискиот тим.
Воедно, Судискиот одбор ја нагласува важноста на објективноста и одговорноста при анализирањето на спорните ситуации. Анализите треба да се темелат исклучиво на критериумите за примена на Правилата на фудбалската игра и на ВАР протоколот, а притоа да се земе предвид и целосниот контекст на играта, односно акцијата во целина, а не селективно прикажани или дигитално изменети фотографии што можат да создадат погрешна претстава за случувањата на теренот.
Во таа насока, Судискиот одбор смета дека конструктивниот пристап кон спорните ситуации подразбира и континуирано запознавање со Правилата на фудбалската игра и ВАР протоколот, како и подготвеност за стручна консултација и дополнително појаснување секогаш кога постојат дилеми во врска со одредени судиски одлуки.
Судискиот одбор ќе продолжи со континуирана стручна анализа, едукација и оценување на судиските перформанси, со посебен акцент на усогласувањето на судиските критериуми, правилната примена на ВАР протоколот и понатамошното унапредување на квалитетот на судењето.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
