Барса смисли нов начин да се откачи од Гризман – на потег е Јувентус

Барселона мора да го намали буџетот за плати преку заминување на дел од фудбалерите со највисоки примања, а на самиот врв на оваа листа се наоѓа Антоан Гризман. Французинот никогаш не се снајде во тактичките замисли на тренерите по доаѓањето од Атлетико Мадрид, односот со Лео Меси беше нарушен уште пред неговото доаѓање на „Камп Ноу“, па јасно е зошто Лапорта сака што поскоро да се откачи од овој фудбалер.

Проблемот е што нема премногу заинтересирани страни, ПСЖ и Манчестер Сити покажаа првичен интерес, но не се заинтересирани за мегатрансфер на играч со плата од 12 милиони евра годишно. Како опција долго време се споменуваше размена со Атлетико за Саул Нигез, но и тоа падна во вода по вчерашниот прекин на преговорите.

Според последните информации, Барселона го контактирала Јувентус нудејќи директна размена, Гризман за Пауло Дибала. Аргентинецот има само уште една година од договорот со Јуве, па доколку наскоро не биде пронајден заеднички јазик „старата дама“ ќе биде принудена да го продаде Дибала. Барса нуди директна размена со која италијанскиот гигант би добил друг врвен голгетер во размена за аргентинскиот генијалец, па интересно ќе биде да се види реакцијата на Јувентус, дали ќе преговара на оваа тема или ќе продолжи со обидите да потпише нов договор со Дибала.

Се вчитува...