Барса свика кризен состанок – Меси сака да си замине „гратис“

Раководството на Барселона е ставено во „шах-мат“ ситуација откако Лионел Меси поднесе официјално барање за трансфер, ставајќи до знаење дека планира летово да си замине од „Камп Ноу“. Претседателот Бартомеу за утре свика итен состанок на кој ќе се дискутира за ситуацијата, откако вечерва и раководството на Барселона потврди дека е примен факсот со кој Меси ја известува управата за својата желба да ги смени клупските бои.

Проблем повеќе претставува инсистирањето на Аргентинецот да си замине „гратис“, што би значело апсолутно фијаско за каталонскиот гигант. Меси имаше можност да замине без отштета до јуни годинава, но поради коронавирусот сезоната траеше до август, па тој сега инсистира дека клаузулата треба да важи до крајот на овој месец. И оваа информација за желбата на Аргентинецот вечерва беше потврдена од каталонскиот гигант, но тешко е да се поверува дека Барса ќе дозволи најдобриот играч на денешницата да си замине без никаква отштета.

На потег е претседателот Бартомеу, а каталонските медиуми не ја исклучуваат можноста првиот човек на клубот веднаш да си поднесе оставка и свика претседателски избори, доколку добие гаранција дека тоа ќе го промени ставот на Меси и Аргентинецот остане на „Камп Ноу“.

Се вчитува...