Барселона нуди 40 милиони евра за Белерин

Каталонскиот клуб силно притиска за услугите на својот поранешен играч од академијата, Хектор Белерин. 21-годишниот десен бек иако инсистира дека е среќен во Арсенал и вели дека нема намера да го напушти во блиска иднина, на почетокот на новата фудбалска сезона би можел да го облече дресот на шпанскиот гигант, враќајќи се на „Камп Ноу“.

Позицијата десен бек е најголемиот проблем за Барселона оваа сезона откако не најдоа соодветна замена за Дани Алвеш, кој кариерата ја продолжи во Јувентус, по цели седум години поминати на „Камп Ноу“. Да биде уште полошо за каталонците, се повреди единствениот играч на таа поцизија, Алеиш Видал, па Енрике мораше да експериментира со Серхи Роберто. Но, за следната сезона ќе мора да има друго, многу поконкретно решение.

Во Арсенал, пак, Белерин го гледаат како идниот капитен на тимот и веруваат дека и следната сезона Шпанецот ќе игра на „Емирати“. Експлозивниот бек во ноември стави потпис на нов, ревидиран договор со „топчиите“, кој има важност до 2022 година, проследен со изјава која сите фанови на Арсенал ги направи среќни.

„Пресреќен сум со новиот договор, сакам да бидам тука уште многу години“ – беше изјавата на Белерин, која за момент ги смири сите гласини.

Барселона би имала предност да го врати својот играч во тимот доколку Венгер го напушти Арсенал, бидејќи тој е единствениот човек поради кого Белерин се уште не го напуштил клубот од северен Лондон. Каталонскиот клуб е подготвен да плати 40 милиони евра за овој трансфер.

Се вчитува...