Барселона ја брани честа на шпанскиот фудбал во Лигата на шампионите

Елиминацијата на Реал Мадрид и на Атлетико Мадрид ја става Барселона во позиција да биде екипата која треба да ја одбрани честа на шпанскиот фудбал со пласман во полуфиналето од Лигата на шампионите. Атлетико доживеа четвртфинална елиминација од Лајпциг во форматот што УЕФА го смисли за да ја спаси сезоната во елитното натпреварување погодена од пандемијата на коронавирусот.

За да ја продолжи традицијата на пласмани на тимовите од Ла Лига во полуфиналето од ЛШ, Барселона ќе треба да се справи вечерва со Баерн Минхен во дерби пресметката на четвртфиналната фаза. Со пласманот на Лајпциг, Германија веќе има претставник меѓу четирите најдобри, тоа е случај и со Франција преку Пари Сен Жермен. Премиер-лигата се надева во Манчестер Сити кој има закажано соочување со Лион.

Последен пат во Лигата на шампионите немало претставник на Шпанија во сезоната 2006-2007. Потоа во секое издание на елитното натпреварување имало најмалку еден тим во завршната фаза и тоа секогаш биле Барслеона, Реал Мадрид или Атлетико Мадрид. Барселона ќе биде клубот со најмногу полуфинални појавувања во ЛШ во овој период од 13 сезони ако го мине вечерашниот дуел и ќе го остави зад себе Реал Мадрид на осум.

Ако победи, Баерн Минхен ќе го обезбеди осмото полуфинале во последните 13 години. Следуваат Челси со четири, Ливерпул и Атлетико Мадрид со по три и Манчестер Јунајтед и Јувентус кои имаат по два настапи во полуфиналињата во овој период. Од 2008 година, шпанските клубови седум пати ја освојувале титулата во ЛШ.

Се вчитува...