Барселона ја стартуваше „Операција Кутињо“

Ангажманот на Филипе Кутињо од Ливерпул ќе биде приоритет на Барселона во летниот преоден рок, откако челниците на каталонскиот гигант веќе стапиле во контакт со агентот на Бразилецот и почнале разговори околу евентуалниот летен трансфер на „Камп ноу“. Нејмар пред неколку дена го посочи својот сонародник како идеално засилување за дрим-тимот на Барса, а каталонскиот весник „Спорт“ тврди дека Бразилецот изјавата ја дал откако дознал за позитивните разговори што биле водени меѓу управата на клубот и агентот на Кутињо.

Извонредниот плејмејкер пред само неколку месеци потпиша нов договор со Ливерпул, според кој му следува плата од 200.000 фунти неделно и кој истекува во 2022 година. Сепак, тоа нема да биде преголема пречка доколку каталонците тргнат во најавената офанзива, со оглед на фактот дека предизвикот да се игра крај Меси, Нејмар и Суарез, со кого Кутињо е одличен пријател, е нешто што ретко кој фудбалер може да го одбие.

Во таборот на Барса владее оптимизам дека Кутињо би бил доведен за сума од околу 60 милиони евра, што би била прифатлива и за раководството на Ливерпул. Каталонците би вратиле голем дел од парите со продажбата на Арда Туран во Кина, а не се исклучува ни можноста експресно да го продадат Андре Гомеш, кој беше доведен на барање на Луис Енрике, но се покажа како промашено засилување.

Се вчитува...