Барселона, Реал Мадрид и Јувентус пред исфрлување од Лигата на шампионите!?

Александер Чеферин, претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), ги раздрма фудбалските гиганти во Европа, откако најави дека Реал Мадрид, Барселона и Јувентус можат да бидат исфрлени од Лигата на шампионите, бидејќи сѐ уште остануваат на идејата да се формира Суперлига.

УЕФА доби одврзани раце да ги казни клубовите откако шпанскиот трговски суд им ја усвои жалбата на претходната одлука дека не смее да презема никакви казнени мерки, но сега клубовите се жалат на второстепената одлука, па до донесување на конечна пресуда УЕФА нема да преземе ништо.

„Во овој момент има жалба на одлуката на нашата жалба од нивна страна и сега ја чекаме одлуката. Кога процесот ќе заврши ќе може да делуваме. И секој клуб може да биде казнет, без разлика како се вика, па дури и ако е европски првак. Правилата се исти за сите, сите клубови имаат ист третман. Така да можеме да ги исфрлиме Реал, Барселона и Јуве, но за тоа решава дисциплинската комисија која е независна“, рече Чеферин.

Најраната одлука од УЕФА за евентуално исфрлање би можела да дојде идната година, зашто наводно УЕФА ќе ја сочека и пресудата на Европскиот суд за правда во Луксембург околу монополската улога.

Се вчитува...