Барселона со пресврт подобар од Атлетико за зачувување на врвот во Ла Лига (ВИДЕО)

Големото дерби на „Ноу Камп“ помеѓу Барселона и Атлетико Мадрид, му припадна на домашниот тим со 3-1, кој со оваа победа го задржа лидерското место на табелата. „Каталонците“ добро се намачија да дојдат до триумф, со оглед дека гостите имаа предност.

Баена во 19. минута одлично избегна офсајд ситуација, и со прекрасен лоб удар го совлада Гарсија. Судиите прво го поништија голот, но потоа по преглед на ВАР снимката, беше признат.

Во 26. минута Рафиња израмни на додавање на Педри. Барса имаше голема шанса уште по првиот дел да направи пресврт, но Левандовски не реализираше удар од белата точка.

Полјакот во вториот дел се „извади“ со асистенција до Олмо, кој во 65. минута успеа да го совлада Облак, и да донесе прво водство за Барса. Сепак, стрелецот мораше веднаш да го напушти теренот поради повреда на клучната коска.

Атлетико имаше две супер шанси преку Алмада и преку Гризман, но не успеа да реализира. Особено на Алмада беше одлична, откако ја мина целата одбрана и голманот Гарсија, ама шутираше лошо.

Рашфорд на другата страна можеше порано да стави печат на победата, но неговиот удар го одбрани Облак. Во последните секунди од мечот Феран Торес успеа да ги отстрани сите дилеми околу победникот на ова дерби.

Се вчитува...