Барселона бара нов напаѓач по емотивното заминување на Роберт Левандовски. Спортскиот директор Деко веќе ги направил првите чекори, реализирајќи во Лондон состанок со агентот на напаѓачот на Челси, Жоао Педро (24).
По четири години соработка, Роберт Левандовски се збогува со „Камп Ноу“, оставајќи празнина во врвот на нападот што каталонскиот клуб мора да ја пополни. Иако во медиумите се споменуваа неколку имиња, како што е Хулијан Алварез од Атлетико Мадрид, неговата клаузула за ослободување од 150 милиони евра се покажа како превисока за финансиските можности на Барселона.
Затоа спортскиот директор Деко се насочи кон пореални опции. Според достапните информации, Педро е отворен за преселба во Каталонија.
„Деко ги потврди контактите со мнаџерите на играчот, но нагласи дека разговорите меѓу клубовите сè уште не се започнати“, објавуваат шпанските медиуми.
Иако Бразилецот е подготвен да пристигне, Челси нема намера лесно да се откаже од него, а се шпекулира дека трансферот би можел да достигне цена меѓу 80 и 100 милиони евра.
24-годишниот напаѓач има многу добра сезона зад себе и покрај лошите резултати на Челси. Во 50 настапи, тој постигна 20 гола и запиша девет асистенции. И покрај ова, бразилскиот тренер Карло Анчелоти не го вклучи во репрезентацијата на Бразил за Светското првенство. Пред да дојде на Стемфорд Бриџ, тој ја изгради својата кариера во Флуминенсе, Вотфорд и Брајтон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
