Екипата од Македонска Каменица го направи потребниот „брејк“, го победи Бадел 1862 во Скопје со 59-71, и реализира пресврт во финалната серија од плеј-офот. По стартниот пораз, кошаркарките на Баскет КАМ споија две победи, за водство од (2-1) во финалето, кое им дава и две меч-топки за титулата и освојувањето на двојната круна во оваа сезона.
За разлика од претходните два натпревари од финалната серија, кошаркарките на Баскет КАМ имаа одлично „влегување“ во натпреварот број 3.
Брзо направија гостинските кошаркарки висока предност. Во 6. минута имаа (20:6), две минути подоцна веќе беше (25:8), за првиот период од играта Баскет КАМ го затвори со (30:13).
Евидентно беше дека нивната игра беше далеку потечна, помирна. Немаше форсирање на шут од далечина. Се користеше она што како квалитет со себе го носат Гобељиќ и Митрашиновиќ, но сега со добри асистенти како Кметовска и Брајковиќ, макар то своите минути ги користеа и Зафировска, Игњатова и Белевска.
Од друга страна во играта на Бадел 1862 одново се беше базирано на одличниот двоец Стојановска-Трајчевска, Но видлив беше и заморот кај двете наши решрезентативки од преголемата минутажа која ја имаат не само во оваа серија, туку воопшто во вториот дел од сезоната.
Сличен беше развојот на настаните и во второто полувреме. Екипата од Македонска Каменица имаше и плус 26 (60:34), и слични (65:43) на крајот на третата четвртина.
А, Анџелика Митрашиновиќ уште една покажа дека е нашата далеку најдобра кошаркарка во овој момент. Стигна бекот на Баскет КАМ на чекор до нов неверојатен индивидуален скор. Беше на само еден скок до трипл-дабл ефект во кој освен 15.поени, имаше и 11.асистенции.
Во сабота, во Македонска Каменица, следува четвртиот натпревар од финалната серија. Дали ќе биде и последниот, останува да ги дочекаме и тие 40.минути од големото финале.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА