Бауза се коцка: Агуеро нема да игра против Боливија

Аргентинскиот селектор Едгардо Бауза се реши за ризичен потег пред вечерашниот натпревар со Боливија, откако донесе одлука да го остави на клупата Серхио Агуеро, и тоа во ситуација кога на располагање ќе ги нема ниту Гонзало Игуаин, ниту Пауло Дибала. Игуаин е суспендиран, а Дибала е повреден, па иако сите очекуваа Агуеро во една таква ситуација да го предводи нападот на „гаучосите“, Бауза реши да го остави членот на Манчестер сити на клупата, а предност во стартниот тим да му дде на голгетерот на Сао Пауло, Лукас Прато.

Аргентинските медиуми ваквата одлука на селекторот ја оценуваат како огромен ризик, со оглед на фактот дека дел од јавноста најави дека во случај на неуспех Бауза би можел да добие отказ од функцијата. Иако Агуеро има постигнато само три гола во репрезентативниот дрес во последните две години, јавноста е целосно на страната на овој фудбалер во однос на селекторот, кој воопшто не ги оправда очекувањата.

„Гаучосите“ се без триумф на гостувањата во Ла Паз во последните дванаесет години, a згора на тоа ќе биде сериозно ослабени за денешниот дуел бидејќи покрај Игуаин суспендирани се уште и Билја, Маскерано и Отаменди, додека Меркадо и Мас се повредени.

Се уште е неизвесно дали Лионел Меси ќе може да ја предводи Аргентина на оваа средба, откако Дисциплинската Комисија за попладнево ја најави својата одлука при постапката против најдобриот аргентински фудбалер поради навредите што аргентинската суперѕвезда ги упати кон судиите по завршувањето на натпреварот со Чиле.

Се вчитува...