Mакедонскиот интернационалец Бехар Фета повторно се врати во редовите на словенечки Марибор!
Поранешниот младински репрезентативец на Македонија, откако една сезона мина во редовите на Алуминиј, сега повторно се враќа во редовите на Марибор за кој клуб настапуваше од 2023 до 2025 година со една полусезона и на позајмица во Домжале.
„Фета помина низ период на созревање, играњето за Алуминиј беше добредојдено за него. Постигна десет гола и со оглед на тоа дека е крилен напаѓач, неговото влијание беше фантастично. Со својата брзина, тој може да ни додаде нова димензија со својата енергија, волја, желба и професионализам. Го пречекуваме назад во позната средина и веруваме дека може да стане важен дел од новиот мозаик“, рече спортскиот директор на Марибор, Златко Заховиќ по промоцијата на Фета.
23-годишниот Фета претходно во својата кариера има настапи и за Воска Спорт пред во 2023 година да се пресели во Словенија.
„Кога дојде понудата од Марибор, не размислував за Европа или за нешто друго. Реков дека сакам само да дојдам во Марибор. Можеби немав среќа кога првпат пристигнав, дојдов млад, не ја познавав околината. Сега, по три години, го познавам словенечкиот фудбал, лигата подобро и сум многу среќен што се вратив во најголемиот клуб во Словенија, клубот со најмногу навивачи. Тука сум да му помогнам на Марибор. Ќе направам сè што е во моја моќ за да бидеме успешни и да ги направам навивачите среќни. Фактот дека Златко Заховиќ како спортски директор и Дарко Миланиќ како тренер, кои го предводеа Марибор до неговите најголеми успеси, се вратија во клубот, исто така влијаеше на мојата одлука. Дојдов со голема желба да бидам дел од овој нов проект и да го дадам својот придонес. Се приклучив на тимот во добра кондиција, бидејќи трениравме со Алуминиј повеќе од десет дена и сега сум целосно фокусиран само на активностите во Марибор“ – рече Фета по промоцијата, одбирајќи го дресот со број 99.
Договорот на македонскиот интернационалец со Марибор е тригодишен, со важност до јуни 2029 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
