Бејтулаи: Со доаѓањето на првенството ги освоиме срцата на навивачите, треба да продолжите да ни верувате

Два дена ја делат Македонија до историскиот прв натпревар на Европското првенство на кој силите ќе си ги одмериме со репрезентацијата на Австрија.

На денешниот брифинг говореше еден од стандардните репрезентативци, Егзон Бејтулаи кој ја побара поддршката од навивачите.

„Стигнавме до целта, ќе играме натпревари на ЕП. Чест ми е што сум дел од репрезентацијата како дел од македонската лига и ќе дадам сè од себе. Секој играч чувствува притисок, но ние сме тие кои го носиме притисокот. Мислам дека иако има добри напаѓачи на ЕП, нашата дефанзива е добра. Ако добијам шанса, ќе ја искористам и се надевам на добри резултати.

Чест ми е што бев дел на ЕП до 21 година, тоа го достигнав и со А-тимот и многу сум среќен. Атмосферата во тимот е многу добра, а тоа може да доведе до успех. Моментално играме добар фудбал, не сме екипа што секоја минута ќе се брани. Стилот ни е и да напаѓаме, мислам дека не треба да се менува. Сепак, мора сите заедно и во напад и во одбрана. Доколку имаме добар резултат, добро е и да играме дефанзивно, а и ако имаме дефицит мора да нападнеме и да дојдеме до посакуван резултат. Како играчи, секогаш сакаме да победиме на секој натпревар.

Ние со доаѓањето на ЕП ги освоивме срцата на навивачите, треба да ни веруваат. Нашата игра не донесе до голем успех, бидејќи можеме да изненадиме до последниот натпревар“, изјави Бејтулаи.

Се вчитува...