Бејтулаи: Сумгаит има предност на домашен терен, но Шкендија знае како да игра на гости

Македонскиот претставник Шкендија отпатува во Азербејџан за да покаже дека е подобар тим од Сумгаит и да го елиминира. Ова на прес-конференцијата во пресрет на утрешниот дуел го потенцираа капитенот Егзон Бејтулаи и тренерот Ернест Ѓока.

„Изминатата недела се подготвуваме за овој европски меч и дојдовме во Азербејџан да победиме. Сметаме дека сме подобар тим и сакаме да се пласираме во следната рунда од квалификациите во Лигата на Европа. Сумгаит ќе ја има предноста на домашниот терен, но без поддршка од гледачи тоа и не значи многу. А Шкендија знае како да игра квалитетно на гости“, изјави Бејтулаи.

Тренерот Ернест Ѓока вели дека во ситуација кога се игра еден елиминациски меч, нема многу простор за дилеми и затскривање од противникот.

„Шкендија секогаш сака да игра својата офанзивна игра, да го нападне противникот и утре ќе игра идентично, со желба да бидеме подобри од Сумгаит. Го познаваме противникот, знаеме за каков тим се работи, го гледавме нивниот прв меч од шампионатот. Ги знаеме нивните добри и лоши страни, но, сепак, ќе се фокусираме на нашата игра. Шкендија треба да одигра најдобро што умее за да се пласира во следната рунда“, изјави Ернест Ѓока.

 

Се вчитува...