Беќири: Нијанси ќе одлучуваат во финалето, посакувам фер натпревар и коректно судење

Имаше шанси Шкендија за двојна круна до пред некој ден, но откако Вардар ја победи Струга, јасно беше дека ќе мора да ја предаде шампионската титула на скопските „црвено-црни“, па сега единствена шанса за трофеј е преку финалето на Купот.

Тетовскиот тим се надева дека ќе го искористи искуството со играње во Европа, и дека ќе дојде до пехар оваа сезона, која не беше на посакуваното ниво во ПМФЛ, но затоа избраниците на Јетон Беќири имаа европски „блесок“, каде го направија најголемиот успех на еден тим од Македонија.

„Мислам дека Шкендија по 8 години е во финале на Купот и нормално ќе влеземе максимално во овој меч и како екипа која сака да се надигрува. Имаме почит кон Силекс кои последниве две години играат одлично. Лани до последно коло се бореа со нас за титулата. Нијанси ќе одлучуваат. Можеби имаме мала предност од нашото европско искуство, но во еден меч тоа нишо не значи бидејќи секогаш во овие мечеви одлучува еден момент. Ние ќе дадеме се од себе да победиме утре. Пред се сакам фер натпревар и да има коректно судење па кој ќе е посреќен нека се радува на крај“, рече Беќири.

Прашан за коментар за првенството, Беќири истакна:

„За првенството не би коментирал ништо и на тоа сакам да останам. Во Европа добро се претставивме и веќе и тоа е минато. Ова е финале и сите треба да сме среќни што играме таму“, заклучи тренерот на Шкендија.

Капитенот на екипата, Арбин Зејнулаи вели дека целта на Шкендија е секогаш да освојува трофеи, и дека утре тимот ќе го даде максимумот да ја заврши сезоната со пехар.

„Шкендија секогаш пред да почне сезона игра за титули дома и добар настап во Европа. Многу важен меч за нас и ако дадеме максимум мислам дека на крајот ќе стигнеме до трофејот“, рече Зејнулаи.

Шкендија на утрешниот меч ќе настапи без најдобриот стрелец Бесарт Ибраими кој е повреден, и за него сезоната е завршена.

Се вчитува...