БЕЛЕГ НА ГОДИНАТА – Падот на империјата „Вардар“

Мед и млеко течеше во „црвено-црното“ семејство во 2017 година, машкиот ракометен колектив стана европски првак, жените за првпат играа финале во ЛШ и несреќно загубија, додека фудбалскиот тим стана првиот македонски клуб во историјата што стигнал до групната фаза од европските купови. Вардарова година, апсолутно заслужено, и поттик за сите во клубот на чело со газдата и директорите да се продолжи по патот на успехот.

Само што, во случајов за жал важи онаа старата „секое чудо за една година“, па наредната – 2018 година, наместо нови радости – донесе и пад на „Империјата Вардар“.

Прв настрада клубот што беше и прва љубов на „Газда Сергеј“ – женскиот ракометен колектив. Бројните учества на Ф4 турнирите не значеа ама баш ништо, па кога требаше да се „сече“, се почна токму од Радичевиќ, Лекиќ, Лејно и бројните ѕвезди на европскиот женски ракомет. Одлуката им беше пренесена на самиот почеток од годината, да можат со време да си најдат нови клубови, а клубот се врати на најниски гранки, откако една година претходно беше распуштена втората екипа во која настапуваа бројни македонски репрезентативки, на чело со селекторот Симовски. Тој проект остана во историјата, со воздишки за двете загубени финалиња и општа констатација, дека со толку потрошени пари европската круна беше неизбежна – ако не се експериментираше толку со тренерите.

Ако Самсоненко беше коректен кон ракометарките, тоа воопшто не е случај кога станува збор за фудбалскиот клуб, кој е паднат „на колена“, со сериозни долгови на сите страни, од поранешни и сегашни фудбалери, до најразлични коминенти. А УЕФА не простува, па веќе го казни Вардар со двогодишна забрана од настапи во европските купови доколку долговите не се исчистат до 31 јануари. Срамно е,  за Сергеј Самсоненко и за директорот Самоил Симев, клубот да се „закопа“ во толкави долгови во годината по историскиот успех, и милионските суми што легнаа на сметката од УЕФА за учеството во групите од Лигата на Европа.

Едни велат со нив биле исплатени ракометарките, други биле покриени платите на Штербик и компанија, која и да е вистината – криминимално е од парите што фудбалерите од ланската сезона ги донесоа во клупската каса да нема средства за да се покријат долговитe кон нив. Јасно е дека Русинот сака да го откачи фудбалкиот колектив, но за да го врати на Град Скопје се бара тој да биде вратен „на нула“, без никакви долгови. Како што стојат работите, шансите за такво нешто се минимални, а останува тајна што точно стои во фамозниот договор за јавно-приватно партнерство, каква последици ќе има по Самсоненко доколку не ги исполни условите пропишани во договорот и клубот го врати со милионски долгови.

А кога ќе заврши и таа приказна, Сергеј ќе остане само со машкиот ракометен клуб, но и таму прашањето е „До кога?“. Секоја чест за Парондо и ракометарите, кои и покрај големите проблеми бележат одлични резултати, но прашањето е до кога ќе имаат трпение за газдата. Борозан на маса има понуда од Барселона, Криштопанс е на пат за Париз, ќе си оди и Мораеш, а богами и голем дел од останатите првотимци ако состојбата не се стабилизира… Навистина, имало состанок меѓу газдата и ракометарите на кој било ветено дека „се ќе биде ОК“, но на сите им е јасно дека многу такви разговори и ветувања имало и кај фудбалерите, кои се уште ја чекаат главна сума од исплатата.

Јасно е, „во мода“ беше да се биде „вардарец“ особено во ракометните арени, но и на тој тренд му се ближи крајот бидејќи публиката, особено онаа „шминкерската“ се лепи на успеси. А онаа лојалната ионака е помалку бројна од сите оние „селфи-фанови“.

Како и се друго во нашата држава, проблем се – финансиите, но и тоа можеше да се избегне ако кога имаше пари, тие не се трошеа расипнички. Ударот ќе беше голем, но ќе се издржеше и немаше да доведе до „Распад на империјата“. Вака, ќе останат само спомените на едно убаво време, кое тешко дека ќе се повтори во блиска иднина.

Се вчитува...