Селекторот на Белгија, Руди Гарсија успеа со својата репрезентација да се пласира на Мундијалот идната година. Сепак, Французинот на крајот имаше што да каже против оние кои го критикуваа по медиумите, особено по ремито со Казахстан.
Сепак, Белгијците синоќа со седум постигнати гола против Лихтенштајн, имаа лесна задача и успеаја да дојдат до потребната победа која ги носи во САД, Мексико и Канада идната година.
„Целите се постигнати, а тоа се задржување во А Лигата на Нации, и пласман на СП“, рече Гарсија.
Сепак, новинарите приметија одредена напнатост во гласот на селекторот, па тој одговори:
„Имаме лажни вести кои ги ширеа одредена група на луќе. Вие новинарите мора да се борите против тоа. Затоа што тие ги даваат своите мислења објавувајќи непотврдени информации. Се чини дека има внатрешни проблеми, но не ме интересира. Не е во ред да се шират лаги, а впрочем и не ми е грижа. Имам доволно искуство да знам дека целите се најважни и да воспоставам добри односи со тимот“, додаде Гарсија.
Ова се однесува веројатно на поранешниот белгиски репрезентативец Жил де Билде кој го критикуваше по медиумите селекторот Гарсија по ремито со Казахстан, и кажа дека се сомнева во неговите квалитети да ја води Белгија.
Белгија беше во група со Македонија, и не успеа да ја победи во двата натпревари, односно првиот во Скопје заврши 1-1, додека во Гент игравме 0-0.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

