Најдобрите 32 каратисти во светот настапија на финалниот турнир од Премиер лигата, најпрестижното натпреварување под капата на Светската карате федерација (WKF). Самото учество меѓу најдобрите 32 во светот претставува огромен успех и привилегија што оваа година му припадна на македонскиот репрезентативец Матеј Белистојаноски.
Белистојаноски настапот го започна со несреќен пораз од грчкиот репрезентативец Карас. Во неизвесен меч, при резултат 2:2, победата му припадна на противникот по правило „сеншу“.
Mакедонскиот каратист потоа покажа карактер и квалитет, забележувајќи две сигурни победи. Најпрво беше подобар од италијанскиот репрезентативец Тониоли со 4:3, а потоа убедливо го совлада полскиот претставник Жуда со резултат 6:2.
Во група во која дури тројца натпреварувачи завршија со по шест освоени бодови, понатаму се пласираше италијанскиот репрезентативец, кој имаше подобра поен-разлика и само два освоени поени повеќе од Белистојаноски. Токму тие два поени Италијанецот ги обезбеди во последните секунди од дуелот со грчкиот репрезентативец.
Иако остана без пласман во четвртфиналето, Матеј Белистојаноски освои значајни бодови на светската ранг-листа, кои ќе му овозможат да остане меѓу 20-те најдобри каратисти во светот во својата категорија.
Тренерот на карате клубот Олимпик Александар Кузмановски, а воедно и селектор на mакедонската репрезентација во борби е задоволен од настапот . Со тоа, македонскиот репрезентативец ќе ја започне новата сезона со сериозни амбиции и ќе атакува на пласман на Светското првенство и на Европските игри, потврдувајќи дека припаѓа во самиот светски врв на овој спорт.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
