Бензема е „доктор по фудбал“ за „англиски пациенти“, на ред е Ливерпул

Карим Бензема со гол од пенал стави печат на неверојатниот пресврт и го одведе Реал Мадрид во финалето од Лигата на Шампионите. Французинот стигна до својот десетти гол во нокаут-фазата од Лигата на Шампионите, израмнувајќи го рекордот на Кристијано Роналдо од пред пет години, додека Португалецот се уште го носеше дресот на „кралевите“.

Бензема е вистински кошмар за англиските клубови, ако се знае дека „деветката“ на Реал постигна дури седум погодоци сезонава во пресметките против премиерлигашките екипи. Тоа воедно е рекорд на постигнати голови на еден фудбалер во една сезона, против екипи од елитното англиско фудбалско друштво.

Бројка што Бензема може дополнително да ја подобри ако се знае дека во финалето ќе се сретне со уште еден англиски гигант, овојпат со екипата на Ливерпул.

„Црвените“ важат за омилени „пациенти“ на францускиот ас, кој на пет натпревари против овој ривал има четири гола, па ќе биде интересно да се види дали одбраната предводена од Ван Дајк ќе успее да го неутрализира најдобриот фудбалер на Реал Мадрид, во големото финале што ќе се игра на 28 мај во Париз.

Се вчитува...